Проблемот со личните карти, според министерот Чулев, засега се менаџира на задоволително ниво.
Во МВР се трошат последните обрасци за издавање пасоши. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека состојбата околу издавањето патни исправи е алармантна.
Проблемот со личните карти, според Чулев, засега се менаџира на задоволително ниво.
„Има одреден застој. Но, во однос на личните карти и возачките дозволи, мислам дека проблемот ќе го надминеме овие денови. Меѓутоа, алармантна е ситуацијата со патните исправи“,
изјави Чулев.
Тој вели дека патни исправи од тип „Б“ веќе речиси и да нема, А патни исправи тип „А“ на македонски јазик има до околу 10 февруари.
„Веќе имаме редуцирано издавање. Тоа е проблем што го наследив од порано. Резултат е на лошо и планирање и анализа на потребите на МВР од патни исправи. Наредната нарачка е по 15 март. Значи, имаме еден сериозен проблем од речиси од 30 дена“,
рече Чулев.
Посочи дека има преговори со германската фирма „Веридос“, која е добавувач на обрасците за лични документи.
„Во текот на оваа недела ќе сондирам колку точно е голем проблемот. Меѓутоа, ситуацијата е веќе алармантна и на почетокот на идната недела ќе имам посебна изјава токму на оваа тема – патни исправи“,
најави министерот за внатрешни работи.