За македонската јавност, една од најважните позиции во идната бугарска владата е кој ќе биде шеф на Министерството за надворешни работи. Според објавениот предлог, кандидат на ИТН за оваа позиција повторно е Ради Најденов кој би добил и вицепремиерска функција. Тој е бугарски дипломат со 30-годишно искуство и шеф на дипломатијата во привремената влада од 2017 година. Зборува четири јазици и има 58 години
Три дена пред истекот на рокот да предложи влада, партијата „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трофнов им го претстави предлог-составот на новиот кабинет на потенцијалните партнери, откако претходно нејзиниот лидер изјави дека не сака да го условуваат и најави дека ќе поднесе предлог, па ако партиите го поддржат ќе владее, ако не – не се плаши од нови избори.

Пратениците од ИТН први седнаа на маса со „Исправи се“. Средбата на двете партии кои произлегоа од протестите траеше 20-ина минути и, како што јавуваат бугарските медиуми, заврши без јасен одговор – дали ќе има поддршка од “Исправи се” за владата или не.
„Ги слушнавме имињата на кандидатите за министри. Треба да разговараме за тоа во нашата пратеничка група“,
изјави по средбата лидерката на „Исправи се“, Маја Манолова.
Предлогот-составот на владата потоа го слушна и третата протестна партија „Демократска Бугарија“. Лидерите на оваа партија не присуствуваа на средбата туку испратија двајца заменик-претседатели на пратеничката група.
„Господинот Христо Иванов (еден од копретседателите на „Демократска Бугарија“) има други ангажмани, па нè овласти нас како негови заменици“,
изјавила Цецка Бачкова, заменик-претседателка на пратеничката група.
За разлика од неа, самиот Иванов, кој изминативе денови јавно се конфронтираше со Слави Трифонов во јавноста излезе со друга изјава.
„Не присуствував на состанокот со ИТН затоа што нема да учествувам во оваа естрада“,
рекол Иванов.
И од оваа партија засега нема јасен став за предлогот за влада. Во овој момент, рекле оттаму, шансите се 50-50, а одлуката ќе ја донесат откако целата пратеничка група ќе се состане, исто како и лидерите од оваа коалиција.
Од Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е уште еден од потенцијалните партнери, на состанокот со ИТН присуствувале сите 36 пратеници на чело со лидерката Корнелија Нинова. Меѓутоа, и тие рекоа дека утре ќе решаваат дали ќе дадат поддршка или не.
Калкулации со бројки
Слави Трифонов и ИТН на парламентарните избори освоија 65 пратеници, но тоа е далеку од потребното мнозинство. Бугарскиот парламент брои вкупно 240 пратенички места. За да биде изгласана владата потребна е поддршка од 121. Има опција влада да биде изгласана и со помал број гласови од апсолутното мнозинство, но тоа е во случај сите пратеници да се присутни на седницата за избор. Меѓутоа, оваа можност отпадна откако партијата ГЕРБ на Бојко Борисов најави дека ќе биде присутна и ќе гласа „против“.
Во таков случај, за да стигне до 121 глас, на Трифонов му е неопходна поддршка од трите партии со кои денеска се сретнаа неговите пратеници. БСП има 36 мандати во парламентот, „Демократска Бугарија“ 34, а „Исправи се“ 13. Друга опција, според калкулациите на пратеничките мандати, е тој да добие и поддршка само од БСП и од „Демократска Бугарија“.
Кои се кандидатите за министри?
Мандатарот, кој го определи ИТН, беше објавен на 30 јуни. Станува збор за Пламен Николов, за кој првичните реакции од партиите беа дека има добра биографија, но оти е непознат за нив и најавија дека услов за нивна поддршка ќе бидат кадровските решенија за министерските позиции.
Ради Најденов – вицепремиер и шеф на дипломатијата

За македонската јавност, една од најважните позиции во идната бугарска владата ќе биде кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи. Според објавениот предлог, кандидат на ИТН за оваа позиција повторно е Ради Најденов, кој би добил и вицепремиерска функција. Тој е бугарски дипломат со 30-годишнои искуство и шеф на дипломатијата во привремената влада од 2017 година. Зборува четири јазици и има 58 години.
Петар Илиев – министер за внатрешни работи

Младиот адвокат од Пловдив, кој пред номинацијата на Пламен Николов, беше и меѓу најсериозните кандидати за премиер, сега е предлог за министер за внатрешни работи. Тој е познат на јавноста како влијателен адвокат закитен со признанието „Адвокат на годината“ за 2017 година, асистент е по уставно право на Правниот факултет на Софискиот Универзитет „Св.Климент Охридски“, а освен академска кариера, Петар Илиев има и сопствен бизнис. Основач е и на неколку бизнис асоцијации, како што се Канадско-бугарската трговска комора и Карипско-бугарскиот бизнис клуб. Самиот бил заменик-претседател на Британско-бугарската трговска комора, а раководи и со Конзулатот на Барбадос во Република Бугарија.
Радостин Василев – министер за млади и спорт

Уште еден адвокат кој ИТН го предлага да седне во министерка фотелја е Радостин Василев. Тој е предлог за министер за млади и спорт. Василев е адвокат во Адвокатската комора во Софија и има експертиза по граѓанско право и правно регулирање на спортот на национално и меѓународно ниво. Тој застапува и судски спорови пред спортските судови на ФИФА и УЕФА, како и пред Меѓународниот суд за спортска арбитража во Лозана.
Теодора Генчовска – министерка за одбрана

На местото кое во владата на Борисов го заземаше контроверзниот Красимир Каракачанов, ИТН ја предлага експертката за одбрана и вооружени сили, Теодора Генчовска. Својата кариера таа ја започнала во Генералштабот на бугарската армија и стигнала до позицијата раководителка на Одделот за НАТО и ЕУ во Министерството за одбрана.
Пламен Абровски – министер за земјоделство

Пламен Абровски е трет правник кој го предлага Труфонов. Тој има експертиза за земјоделско право, европски процедури и политики. Има работно искуство и во Постојното претставништво на бугарското Министерство за земјоделство во ЕУ во Брисел.
Ивајло Кожухаров – министер за туризам

Експерт за туризам, магистер по економија и по маркетинг би можел да биде иден министер за туризам на Бугарија. Станува збор за Ивајло Кожухаров, кој доаѓа од приватниот сектор, бил генерален директор на хотелски комплекс во Албена, извршен директор на синџирот хотели „Тракиски“, генерален менаџер на хотел во Софија итн.
Теодора Пенева – министерка за труд и социјална политика

Теодора Пенева е предлог за министерка за труд и социјална политика. Таа има диплома по економија и менаџмент и 17-годишно искуство во истражување на пазари и индустрии, како и во развој на стратегии за компании во Кина. Во нејзината биографија што ја претстави ИТН, има искуство и со менаџирање проекти за социолошки истражувања во Кина и во Бугарија.
Пламен Данаилов – министер за финансии

Државната каса на Бугарија би можел да ја чува Пламен Данаилов. Како предлог-министер за финансии во неговата биографија е запишано дека дипломирал финансии, сметководство и контрола. Има над 20 години искуство на високи менаџерски позиции во големи меѓународни компании, а во моментов е менаџер на консултатска компанија во областа на финансиските услуги.
Георги Султанов – министер за култура

Оперскиот пејач Георги Султанов е предлог на Трифонов за министер за култура. Тој има 23 годишно искуство со класичната музика, работел со сите музички институции во Бугарија и има бројни соработки со бугарската национална телевизија и Софиската филхармонија.
Александар Николов – министер за енергетика

На списокот на Трифонов е и Александар Николов, кој е предложен за министер за енергетика. Тој е претставен како личност со долгогодишно искуство во областа на телекомуникациите, финансиите, инвестициите и пазарите на капитал.
Антонија Валентинова – министерка без ресор задолжена за ромски прашања

И медицинско лице би можело да добие место во идната бугарска влада. Анестезиологот Антонија Валентинова е предложена за министерка без ресор задолжена за ромски прашања. Таа имаа ромско потекло, а во моментов работи како лекарка во ургентен центар и е специјалист по анестезиологија и интензивна нега.
Велислава Петрова – Министерка за образование

ИТН предлага со ресорот образование да раководи Велислава Петрова, која по професија е имунолог. Студирала на Универзитетот во Бристол, а докторирала на Кембриџ. Во моментов работи како виш менаџер во тимот за здравствена политика при Глобалната алијанса за вакцини и имунизација во Желева.
Силви Кирилов – Министер за здравство
Урологот Силви Кирилов е предлогот за министер за здравство. Тој е поранешен директор на позната болница во Бугарија, а две години раководел и со Агенцијата за трансплантација.
Георги Георгиев – Министер за регионален развој и јавни работи
На списокот министри во владата што ја предлага ИТН е и Георги Димитров, за позицијата министер за регионален развој и јавни работи. Тој има докторат за организација и управување со производство. Во биографијата му е запишано и 10-годишно менаџерско искуство во приватниот сектор, а 4,5 години искуство и со менаџирање на јавната администрација. Осум години работел и како предавач на бугарските универзитети.
Момчил Иванов – Министер за правда
Правникот Момчил Иванов е предлог за иден министер за правда. Како член на ИТН тој беше и пратеник во претходниот парламентарен состав, кој беше формиран по изборите во април, а по неуспешните обиди за формирање влада, за неколку месеци беше распуштен со цел да се оди на нови избори во јули.
Силвија Карџиева – Министерка за животна средина и вода
Гроздан Караџов – Министер за транспорт и информатичка технологија
Гроздан Караџов е уште еден правник кој се најде на списокот на ИТН. Тој е дипломиран правник со специјализација за бизнис менаџмент во телекомуникациите. Тој во бугарската јавност е познат по активното учество во студентските протести во 90-тите години, а е коосновач и национален координатор на Бугарската асоцијација за фер избори.
Десислава Димитрова – Министерка за економија
Десислава Димитрова е предлогот на ИТН за министерка за економија. Таа е експерт за циркуларна економија, за што се образовала на универзитети во САД и Холандија и има над 15 години меѓународно искуство во циркуларната економија и прехранбената индустрија. Има и своја компанија во агро-иновативниот сектор во Бугарија.