Најсериозен бил пожарот кај Мургаш каде се опожарени поголем број на куќи. Сега тој пожар е ставен под контрола, но градоначалникот на Куманово предупреди дека може да се реактивираат некои места на кои гореше оган кај селото Бељаковце
Во последните 24 часа, на територијата на Општина Куманово биле регистрирани девет пожари во кои интервенирале кумановските пожарникари. Станува збор за пожари на отворено и шумски пожари кај локациите Тромеѓа, Четирце, Пуковско, Пезово, Бељаковце…

„Дополнително, и на локација Доброшане каде што е интервенирано при гасење на фабрика за преработка на дрво, локација Зубовце викенд куќа и Мургаш каде всушност е и најсериозниот пожар во изминатите 24 часа, во кој беа опожарени поголем број на куќи, покуќнини, домаќинства. За среќа нема човечки жртви и немаме сериозни здравствени повреди, освен во еден случај каде што дополнително од страна на надлежни медицински лица ќе се утврдат последиците“,
потенцираше Димитриевски.
Кумановските пожарникари, како што информираше градоначалникот на прес-конференција, интервенирале дополнително и на три други локации односно, кај Малотино во соседната општина Старо Нагоричане, како и кај селата Вакцинци и Матејче.
Кои биле причините за пожарот, рече Димитриевски, ќе утврдат надлежните органи, но првичните информации од граѓаните се дека можеби причина е електричната инсталација. Тој апелираше и на населението кај Бељаковце да биде во приправност бидејќи некои места може да се реактивираат.
„Според укажувањата на дел од граѓаните сметаат дека можеби и електричната инсталација на одредени локации, т.е преносот на електрична енергија е една од причините за појава на пожар на локација селото Мургаш. Лично, утрово ги посетив овие опожарени локации. Во моментов, покрај тоа што комплетно територијата на село Мургаш е ставена под контрола, се работи активно и на локација во близина на село Бељаковце или локалитет Липец, каде што директно имаме противпожарна екипа. Апелирам до месното население кое живее во село Бељаковце и на оваа територија да биде во приправност, бидејќи имаме одредени места кои може да се реактивираат. Потребна е и граѓанска асистенција на одредени локации доколку приметат навремено да пријават до надлежните органи, а и дополнително самите да се вклучат во локализирање на таквите пожари на отворено“,
изјави Димитриевски.
Градоначалникот повика и на смиреност и почитување на сите мерки и одлуки на Владата и централниот кризен штаб затоа што, како што рече само единствено ако сите се дисциплинирани може да се излезе во пресрет и им се биде од корист на пожарникарите.