Судскиот совет предничи пред Советот на јавни обвинители, односно Јавното обвинителство во делот на разрешување и утврдување на одговорност на судии. За разлика од Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, кои во последните две години речиси да немаат разрешено ниту еден јавен обвинител (исклучок е специјалната јавна обвинителка Катица Јанева), Судскиот совет само годинава има донесено одлуки за разрешување на седум судии од разни судски инстанции во државава, пишува МИА.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку реално може да се очекуваат реформи во правосудниот систем ако не се поместува ништо во делот на јавните обвинители, изјави дека се согласува дека е потребна повидлива динамика на Советот на јавни обвинители и генерално на Јавното обвинителство во однос на Методологијата за оценување и исход во постапки каде што би имало одговорност на јавните обвинители.
„Видно е различна динамиката каде што имаме шеснаесет разрешени судии за период од две години, од кои 7 од први јануари до денес, а од друга страна, нема конкретен предмет за обвинител. Мислам дека битно е што прв пат се употреби Методологија за оценување при избор на јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје и Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Потребно е раздвижување во делот на обвинителство“,
рече Маричиќ.
На средбата со новинари, министерот Маричиќ, воедно, најави дека по судската ферија стартува меѓународниот мониторингот на 50-ина судски случаи на висока корупција и организиран криминал. Целта на овој проект, според министерот за правда Бојан Маричиќ, е да има набљудувачи со препораки кон судските власти, без да ги прејудицира и коментира содржински пресудите и исходите на постапките.
„Ние како влада го побаравме тоа уште пред две години. Среќни сме и задоволни што ќе почне овој проект за да се врати јавната доверба и да излезат на површина силните страни и слабостите во правосудниот систем за да можеме пообјективно да гледаме на некои работи, случаи“,
изјави Маричиќ на средбата со новинарите.