Освен во новоотворената фирма во која е сопственик и директор, Груевски е ангажиран и како советник на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за Западен Балкан
Експремиерот Никола Груевски регистрирал компанија во Унгарија со седиште во Пецел, на дваесетина километри источно од Будимпешта, објави тамошниот портал 24.ху.
Според документите кои ги објави порталот, фирмата се вика „И.Ц.И.Ц“ и е отворена на 15 јули, а Груевски е сопственик и директор на компанијата.

Од увидот во документите до кои дојде Дојче веле, пак, се покажува дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.
Согласно унгарските закони, за секоја бизнис активност компаниите добиваат посебен даночен број, а Груевски, очигледно, не сакал да биде ограничен во однос на трговијата, па ги регистрирал речиси сите кои му стоеле на располагање, наведува Дојче веле. Па така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Експремиерот планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувањата на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби.
Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела Груевски точно три милиони унгарски форинти или 8 350 евра.
Груевски, кој откако доби азил, живее во Унгарија, при регистрирањето на фирмата, како втора адреса – дал домашна адреса во Скопје.
Освен во новата фирма, Груевски, како што кажа унгарскиот министер за надворешни работи Питер Сијарто, е ангажиран и како советник на унгарскиот премиер Виктор Орбан за Западен Балкан.
Експремиерот избега од државава во ноември 2018 година, пред да му биде врачен упатен акт за затворската казна од две години во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на блиндираниот „мерцедес“.