Со вакви измени на Изборниот законик, десеткратно ќе се зголеми бројот на потребни потписи за независни листи на кандидати за советници и градоначалници, вели лидерот на Левица
Не знам кој договорил измени во Изборниот законик со кои за поднесување на независни листи треба да се соберат потписи од два отсто од вкупниот број на избирачи. Широката коалиција на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го има договорено ова зад затворени врати и сака експресно да го протурка во Собрание, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во гостување во вестите на ТВ Сител.
„Нашиот пратеник учествуваше на сите средби во Клубот на пратеници и вакво нешто не беше дискутирано. Беше разговарано за 3 отсто, но за 2 отсто не беше дискутирано. Мислам дека тука најголем страв е на СДСМ, бидејќи овие нови дечки кои се појавуваат како зелени им одземаат гласови. И мислам дека ова нема да помине без тензии. Плус тоа, ОБСЕ вели шест месеци пред избори да не се чепка Изборниот законик, а во препораките се препорачува и праг од 1 отсто. Ова е перверзија која што ја прави СДСМ првенствено и не знам зошто тука влетува ВМРО-ДПМНЕ, таа ќе биде како колатерална штета во случајов, бидејќи рафално ќе се пука и против неа, бидејќи и таа е дел од договорот“,
вели Апасиев.
Апасиев рече дека на овој начин десеткратно ќе се зголеми бројот на потребни потписи за независни листи на кандидати за советници и градоначалници.
„Досега фиксно беше утврден бројот на потписи, на пример, на општина со одреден број жители треба фиксен број на потписи. За Град Скопје во сегашниот Изборен законик стои 1 000 потписи. Сега со два посто значи дека од 1 000 потписите рипаат на 9 000 потписи. Толкав број на потписи да ги соберете во две недели, во работно време, во август кога сите се на одмор е невозможна мисија и впрочем, опаралелно со тоа имате Закон за политички партии кој бара само 1 000 луѓе за да формираат партија. Така што, ова е десеткратно зголемување на прагот, со цел овие млади дечки, кои се зелени и претежно урбани движења за зелен град итн, да не можат институционално да влезат внатре, бидејќи најверојатно ќе бидат незгодни како што сме ние“,
вели Апасиев.
На прашањето што е прифатливо за Левица, Апасиев рече дека партијата се залага за една изборна единица и тоа вели ќе биде нејзин услов во идните преговори за нова Влада.
„Нашето барање беше да има една изборна единица, но тоа не е прифатливо за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и албанските партии. Но, тој услов ќе биде услов за наредна Влада, бидејќи Левица историски гледано е најоштетена партија, три пратеника нас ни се украдени со овој изборен модел кој ја фалсификува волјата на народот. Ние се залагама за една изборна единица, ова со цензусот може да се договори, иако ова од три отсто нас како Левица не ни значи многу бидејќи можеме лесно да го постигнеме. Од принципиелни причини првите избори со една изборна единица треба да бидат без цензус, за да се одреди некој природен праг после којшто може да зборуваме“,
рече Апасиев.
За локалните избори, Апасиев вели дека таргетот на Левица ќе бидат советниците.
„Работиме на листи и одиме сами на овие избори. нема да одиме во сите општини бидејќи немаме се уште мрежа во сите општини, како што знаете, ние сме единствената банкротирана партија, ни пропаднаа сите пари во „Еуростандард банка“, но ќе вложиме се во оваа кампања и верувам дека ќе имаме енормен скок од 2017 година. Ќе имаме некаде кандидати за градоначалници, но нивниот број ќе биде драстично помал, отколку на советничките листи“,
рече лидерот на Левица.
„