ВМРО-ДПМНЕ смета дека пресудата за случајот „Организатори на 27 април“, со која на вкупно 25 години затвор се осудени Трајко Велјановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски е неоснована и е за изживување со политичките непријатели на Заев. Опозициската партија обвинува дека Судот целата пресуда ја темели само на исказот на Александар Василевски – Нинџа.
„Денешната одлука на судот е темпирана и планирана прeсуда која има за цел да создава страв кај политичките непријатели на Зоран Заев и целосно ја руши демократијата во државата. Дополнително, додека политичките непријатели се казнуваат со неосновани пресуди, како што е случајот денес, власта на Заев ја дефокусира јавноста од сопствените криминали и корупција во која до гуша се заглавени функционерите на СДСМ и ДУИ“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Судијата во Кривичниот суд Скопје, Илија Трпков, денеска објави дека доказите покажуваат дека сите осомничени се и виновни за кривичното дело од член 313 од Кривичниот закон – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Иако делото предвидува затворска казна од најмалку 10 години, судечкиот совет ги зел предвид и отежнувачките и олеснителните околности, па досуди значително пониски казни од минималните кои ги предвидува Кривичниот законик. Во казната на сите осудени ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор:
- Трајко Вељановски – пресудена му е казна затвор од 6 години и 6 месеци;
- Спиро Ристовски – пресудена му е казна затвор од 6 години и 3 месеци;
- Миле Јанакиески – пресудена му е казна затвор од 6 години и 3 месеци;
- Владимир Атанасовски – пресудена му е казна затвор од 6 години.
Во овој предмет беа обвинети уште две лица – поранешниот премиер Никола Груевски и оперативецот од УБК, Никола Бошковски. Бидејќи тие не се достапни за правдата, против нив не се водеше постапка.