Материјалот за учење по предметот општество за прво одделение е осмислен да ги задоволи интересите на денешните деца како што се креативноста, љубопитноста и истражувањето, вели авторката на учебникот, Гликерија Илиоска.
Илиоска објаснува дека богатството од илустрации, вежби и активности, кај дечињата поттикнува интерес за откривање на нови работи, истражување и искуствено учење, а со тоа води и кон развивање на повисоки мисловни операции, а не само репродуктивно повторување на факти и на детали.

Според авторката на учебникот, материјалот за учење ги воведува учениците во истражување и стекнување знаења за себе, училиштето во кое учат, домот во кој живеат и за средината која ги опкружува.
„Преку него првачињата ќе учат како да се почитуваат меѓу себе и како да ги почитуваат разликите меѓу луѓето. Како да се однесуваат кон природата и животната средина, кон повозрасните, но и кон своите другарчиња. И сето тоа ќе го учат на лесен, едноставен начин преку игра и решавање проблемски ситуации“,
вели Илиоска.
Материјалот ги содржи основите за стекнување знаења за родовата еднаквост, интеркултурното живеење, инклузијата и заштитата на животната средина во нашето општество и сето тоа е поткрепено со содржини кои ќе ги развијат социо-емоционални вештини на живеење.
Од Министерството за образование велат дека со стартот на новата учебна година ќе стартува и имплементацијата на реформските процеси во основното образование кои треба целосно да се спроведат во следните 5-6 години. Учениците од прво и четврто одделение ќе учат по новата Концепција, со нови наставни програми и целосно нови учебници кои се веќе во фаза на изработка и печатење.