Лидерката на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, по разговорите со партијата „Има таков народ“, која победи на парламентарните избори во Бугарија, оцени дека е направен прв и добар чекор за разговори и дијалог околу можен договор за формирање на идната бугарска Влада. Нинова коментира дека меѓу БСП и ИТН има повеќе заеднички работи отколку разлики.
Двете партии имаат блиски ставови во врска со реформите во судството, што бараат промена на Уставот и време тоа да се направи. БСП, исто така, побарала нов закон за конфискација на нелегално стекнат имот.
Имаат забелешки околу платформата на ИТН во однос на приватизацијата на Бугарската државна банка за развој и се против давањето под концесија на автопатите во Бугарија, но се за зголемување на пензиите. Нинова појасни дека БСП сака ова да се случи веднаш, додека „Има таков народ“ планира пензиите да се покачат од следната година.
Лидерката на БСП коментираше и дека има три теми за кои треба да се разговара, вклучително и за Република Северна Македонија и за Истанбулската конвенција, но дека до нив не стигнал редот за размена на ставови.
Раководството на БСП утре ќе дебатира за концептот предложен од ИТН и ќе реши дали ќе ги продолжи преговорите со партијата на Слави Трифонов.

Во меѓувреме, јавноста позитивно реагира на одлуката на ИТН, на инсистирање на двете протестни партии, од преговори за идната влада да бидат исклучени ДПС на Карадај и ГЕРБ. Се смета дека тие две партии придонеле за развој на криминалот и на корупцијата во Бугарија.
Лидерката на „Исправи се“ , Маја Манолова, го повтори ставот на првиот човек на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, со кој од ИТН бараат „во кабинетот на никаков начин да нема влијание долгата рака на ДПС и на ГЕРБ“.
Во таа насока и претставникот на ИТН, Тошко Јорданов, побара од новинарите да престанат ја позиционираат ДПС како коалиционен партнер на ИТН, бидејќи тоа е апсурдно.
„Ние јасно се определивме како ќе ги водиме преговорите за идната влада. Ги поканивме сите партии кои се доволно далеку од ГЕРБ, зашто друштвото предводено од ГЕРБ е најголемото зло за демократијата во последните 11 години”,
рече Јорданов по денешните средби.