Првите анкети за тоа кој треба да биде кандидат на СДСМ за прв човек на Битола покажуваат предност на актуелната градоначалничка Наташа Петровска. Таа е фаворит и за партискиот лидер, според кого, тоа што било сработено во нејзиниот мандат покрива два до три мандати на поранешните градоначалници.

„Ама тоа го мисли Зоран Заев. Да видиме битолчани што мислат. Првите истражувања покажуваат фаворитска основа и за неа и за уште неколку наши квалитетни луѓе овде. Но се надевам дека втората и третата анкета коишто се во тек ќе го кажат конечното,. Затекнавме блокирана општина, сега е одблокирана, развиени се проекти буквално насекаде низ Битола“,
истакна претседателот на СДСМ на денешната прес – конференција во Битола.
Дополнителна сигурност дека СДСМ е во предност во Битола, но и во други градови, како што нагласи Заев е договорот за коалицирање со партнерите од владата.
„Јас можам да ви кажам заради тоа што сме коалициони партнери и со ДУИ, и со БЕСА и со ДПА, имаме коалиција, заедно ќе настапиме за локалните избори. Нормално деталите не можеме да ги кажеме уште оти не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање. Се знае во првиот круг одат сите, после тоа се поддржуваме, фер, така на граѓаните ќе им оставиме сами да ни кажат патот кој е, кој треба на крајот да биде избран во сите други градови“,
рече Заев.