Партијата „Има таков народ“, откако во петокот одржа едночасовен состанок со „Демократска Бугарија“, упати покана за консултации за време на викендот до сите други парламентарни партии, освен партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, средбите ќе се одржат во Националното собрание. „Има таков народ“ нема да преговараат за имиња и позиции, туку само за идеи и политики.
За денеска на консултации се поканети партиите „Исправи се БГ! Доаѓаме!“ и Бугарската социјалистичка партија (БСП), а за утре испратена е покана до Движењето за права и слободи. Како што јави дописникот на МИА, досега е јасно дека на поканата ќе одговорат БСП и „Исправи се БГ! Доаѓаме!“
Претседателот на Бугарија Румен Радев ја охрабри БСП да ја поддржи владата на „Има таков народ“.
Најголемата парламентарна партија „Има таков народ“ вети дека ќе предложи влада, но предупреди дека тоа ќе се случи само доколку партиите поканети на разговорите направат компромиси и се обединат околу заедничките приоритети за Бугарија. Во спротивно, партијата што победи на изборите на 11 јули не ја исклучува можноста за нови трети парламентарни избори оваа година.
Rадев инсистираше овојпат да бидат исцрпени сите можности за формирање влада и рече дека нема да брза да го предаде првиот мандат за да даде време на бугарските партии да разговараат за политиките на идната влада.
Нинова: Без БСП нема стабилна влада
Лидерката на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, неколку часа пред да се сретне со раководството на партијата „Има таков народ“,за БНТ изјави дека без нејзината партија не може да има стабилна влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, таа ја оцени како лицемерна можноста „партиите на промени“ да формираат нова бугарска влада со поддршка на Движењето за права и слободи, поради протестот на „Демократска Бугарија“ на плажата Розенец во близина на резиденцијата на почесниот претседател на ДПС Ахмед Доган пред една година и сега формираната специјална комисија на оваа тема во новоизбраниот бугарски парламент.
Нинова смета дека може да има повеќе состаноци со „Има таков народ“. Според неа, политиките се поважни, но исто така и луѓето кои ќе ги спроведат.
Таа е категорична дека има неколку многу важни приоритети за земјата, како што се усвојување на Планот за обновување и одржливост, актуелизацијата на буџетот на Бугарија за 2021 година и подготовка на Буџетот за 2022 година, како и подготовка за новиот бран на Ковид-19.
Според неа, долгорочни приоритети се реформата на здравството, економијата и судскиот систем на Бугарија.
