Министерството за образование и наука информира дека во тек е јавен оглас за вработување на 500 образовни асистенти, за што во буџетот на МОН се обезбедени 59 милиони денари.
Образовните асистенти ќе имаат 24 000 денари месечна нето плата и ќе бидат вработени во основните училишта со ресурсен центар: „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес.

Министерката Мила Царовска на средби со претставниците на Националните инвалидски организации, родители на децата со попреченост и директорки на основните училишта со ресурсен центар посочи дека ова е прво системско решение за поддршка во текот на наставата на децата со атипичен развој вклучени во редовна настава, информираат од МОН.
„Врвна цел на МОН е да обезбеди образование достапно за секое дете, поддршка и почитување во училницата, но и да изгради општество кое има високо развиена свест за почитување и прифаќање на различностите“,
порача Царовска.
Како што се посочува во соопштението, на средбата со Царовска родителите порачале дека вклучувањето на редовно вработени образовни асистенти во наставата од наесен е од големо значење и за нив и за нивните деца.

„Родителите нема веќе да доживуваат стрес со наоѓање на асистент. Досега приватно секоја година наоѓавме нов образовен асистент. Неколку се задржаа подолго, но заминуваа затоа што сакаа да си најдат перманентно решение. Сега, тоа ќе биде нивна редовна работа“,
рече Ирена Жерновска, родител на дете со попреченост.
За полесна инклузија на децата со атипичен развој во редовна настава, родителите сметаат дека е најважна комуникацијата меѓу сите засегнати страни, а за поквалитетен образовен процес важно е и вклучувањето на асистивната технологија.
