Министерката Радмила Шеќеринска, по првата посета на министер за одбрана на Северна Македонија на Португалија, најави потесна соработка меѓу двете држави на полето на одбраната. Наскоро треба да биде потпишан билатерален договор, а веќе се договорени заеднички вежби меѓу специјалните сили на двете војски како и соработка во областа на сајбер-безбедноста
Сојузништвото во НАТО ги јакне одбранбените врски меѓу Северна Македонија и Португалија. Ова било потенцирано на средбата меѓу министрите за одбрана на Северна Македонија и на Португалија, Радмила Шеќеринска и Жао Гомеш Кравињу, што синоќа се одржа во Лисабон, информираа од македонското Министерство за одбрана.

Шеќеринска е во дводневна, прва официјална посета на наш министер за одбрана на Португалија и била дочекана од португалскиот колега со највисоки почести и свечена церемонија на која интонирањето на македонската химна било проследено со почесни плотуни од воената морнарица.

Шекеринска на средбата изразила надеж дека Договорот за билатерална соработка во одбраната наскоро ќе биде потпишан и дека двете држави ќе имаат успешна соработка.
„Португалија беше меѓу првиот бран држави кои ја почнаа ратификацијата на протоколот за наш прием во НАТО, што го сметаме за исклучително пријателски чин и политичка волја за поддршка на Северна Македонија. Уверена сум дека тоа создаде добра основа да развиваме искрена и плодна соработка како сојузници во Алијансата“,
рече Шекеринска на средбата.

Министерката го запознала португалскиот колега со плановите за воена интеграција на земјава во НАТО која треба да заврши до крајот на оваа година, како и со можностите кои ги нуди воениот полигон Криволак.
„Договоривме дека првите чекори во одбранбената соработка ќе бидат заеднички вежби помеѓу нашите специјални сили, но исто така и зголемена соработка во делот на сајбер одбраната, тема која што е важна за сите членки на НАТО и особено е важна за нас како 30-та нова членка на Алијансата“,
истакна министерката.
Министерот Кравињу го потврдил интересот за воспоставување Договор за билатерална соработка велејќи дека Португалија високо ги цени постигнувањата на Северна Македонија на планот на членството во НАТО и придонесот што го дава во регионалната безбедност и стабилност. Тој ги поздравил заложбите за почеток на преговори со ЕУ на нашата земја и истакнал дека местото на земјите од Западен Балкан е во ЕУ.

Делегацијата на Министерството за одбрана и Армијата ја посети и Командата за здружени операции – оперативно седиште за НАТО, ОН и ЕУ мисии во странство, каде имаше брифинг и разговори со началникот на Генералштабот на Португалските вооружени сили, адмирал Антонио Силва Риберо, информираа од МО.
