Американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, претходно информираше дека се сретнала со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да го брифира за извршната наредба на Бајден за санкции кон лица од Западен Балкан, која ги опфаќа и оние кои не го почитуваат Преспанскиот договор
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, ја истакнал потребата во Собранието да се донесе резолуцијата за црвените линии за да се заштитат идентитетот, јазикот и историјата во спорот со Бугарија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ по средбата Мицкоски-Брнз.
На состанокот присуствувал и секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Од партијата велат дека се разговарало за актуелните случувања и важните предизвици за државата.
„Како акутен проблем од страна на Мицкоски беше посочен високиот степен на корупција и криминал присутна во највисоките структури на власта. Мицкоски ја посочи и злоупотребата на европското знаменце како што е законот со кој се дозволува извоз на цвет од марихуана каде се штити директно бизнис интереси на врвот на власта. Мицкоски ја истакна потребата за реформи во повеќе области, како и проблемите поврзани со економијата, како што е невработеноста, растечката сиромаштија и рушење на стандардот. Соговорниците ја потврдија заложбата за развивање на соработката и посветеноста кон реализација на стратешките интереси“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение не се споменува дека тема на разговори била и извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден за санкции кон лицата кои не ги почитуваат Преспанскиот и Охридскиот договор, како и за оние кои се вмешани во корупција и ги поткопуваат демократските процеси на Западен Балкан.
Брнз, пак, претходно се огласи за средбата и кратко преку Твитер порача дека го брифирала Мицкоски токму за извршната наредба.