Анкетата спроведена од М-Проспект, а за потребите на истражувањето на НЕКСУС граѓански концепт, покажува дека 50,7% од населението во С Македонија се согласува дека членството во НАТО е позитивна работа за земјата. Генерално, етничките Албанци имаат повисоко мислење за Алијансата од етничките Македонци
Па, сепак, 74,4% од населението очекува НАТО да ја брани земјава во случај на напад. Но, пониски 60,4% се согласуваат дека и С Македонија треба да ги брани своите сојузници во случај на напад
Помина повеќе од една година откако знамето на Северна Македонија се развиори на јарболот пред седиштето на НАТО во Брисел, покрај знамињата на останатите 29 земји-членки. Настанот беше кулминација на напорите кои траеја безмалку две децении.
Но, иако толку споменувано низ годините, значењето на НАТО се чини дека е енигма за голем дел од населението во земјава. Така барем покажува истражувањето на „НЕКСУС Граѓански концепт“, кое е изработено врз основа на анкета која ја спровела агенцијата М-Проспект со репрезентативен примерок од 1 000 испитаници.
Колку добро ја познавате НАТО организацијата?
Истражувањето и анкетата се направени по повод годишнината на членството на Северна Македонија во НАТО. Целта е да се провери јавното мислење во однос на Алијансата. На првото прашање, колку добро ја познавата НАТО организацијата, истражувачите дошле до следниве одговори:
- 13,6% многу добро го познаваат НАТО;
- 40,3% доволно добро го познаваат НАТО;
- 33,2% малку го познаваат НАТО;
- 11,6% го познаваат НАТО само по името;
- 1,3% никогаш не слушнале за НАТО.

Во текстуалниот дел од своето истражување, од НЕКСУС заклучуваат:
„Жените, за разлика од мажите, многу помалку ја познаваат организацијата. 39,2% од жените одговориле дека малку ја познаваат, додека овој одговор го дале 27,2% од мажите.
Етничките Албанци, за разлика од етничките Македонци покажуваат поголемо познавање, односно 27,4% од етничките Албанци одговориле дека многу добро ја познаваат, наспроти 9% од етничките Македонци кои го дале истиот одговор. Се забележува дека оние со повисок степен на образование повеќе истакнуваат дека ја познаваат доволно добро“,
се вели во истражувањето.
Дали членството во НАТО е позитивна работа?
Сумираните резултати од ова прашање покажуваат дека преовладува мислењето дека членството во НАТО е добро за земјата, но ако тие се анализираат подетално на површина излегуваат големи разлики меѓу населението.
Релативно е висок процентот на граѓани кои „донекаде“ не се согласуваат дека НАТО е добра работа (17,4%) или дека „воопшто“ не е добро (11,5%), при што етничките Македонци имаат видливо поскептичен став кон Алијансата отколку етничките Албанци.

„Повеќето испитаници гравитираат кон позитивно мислење за членството во НАТО. Повеќе од половина (50,7% акумулирано Целосно се согласувам и Донекаде се согласувам) сметаат дека е позитивна работа членството во НАТО. Додека пак, (28,9% акумулирани Донекаде не се согласувам и Воопшто не се согласувам), не сметаат дека е позитивна работа за нашата земја. Повеќе од две третини (71,8%) од етничките Албанци се согласуваат дека членството е позитивна работа, наспроти 42,1% од етничките Македонци“,
велат од НЕКСУС.
Да не бранат, ама не толку и ние да браниме
Особено е интерес одговорот кој го добиле истражувачите на следните две „вкрстени“ прашања. Во едното, ги прашале граѓаните дали Северна Македонија треба да брани друга земја-членка на НАТО ако таа биде нападната. Веќе во следното прашање побарале одговор – дали сојузниците треба да ја бранат Северна Македонија?
Процентот на граѓани кои се согласуваат земјава да брани други држави е понизок од процентот на оние што очекуваат дека сојузниците треба да ја бранат Северна Македонија, во случај на напад.
60,4% од испитаниците целосно или до некаде се согласуваат дека Р.С. Македонија треба да брани друга земја на НАТО доколку биде нападната. Додека пак, 15,9% воопшто не се согласуваат со ова прашање. И овде процентот на согласност е поголема кај Етничките Албанци во однос на Етничките Македонци (46,1% наспроти 26,6%).
Додека пак, на прашањето „Доколку некоја друга членка треба да ја брани Р.С. Македонија ако биде нападната“, овој процент се зголемува, односно 74.4% од испитаниците целосно или до некаде се согласуваат дека другите земји членки треба да ја бранат нашата држава доколку биде нападната однадвор.
се вели во истражувањето на НЕКСУС.


