Апелирам наставниците и сите придружни и помошни кадри да се пријават за вакцина за да се зголеми процентот на имунизирани што работат во училиштата, повика денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Нејзиниот апел следува откако министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека ќе почне интензивна комуникација со министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и директорите на институциите, за повторно да разговараат со своите вработени за да се вакцинираат.
На новинарско прашање дали за невакцинирани наставници од МОН ќе се воведат стимулации, Царовска одговори дека МОН не го води процесот на вакцинација, туку Министерството за здравство со кое, како што рече, е во постојана координација. Царовска посочи дека ако се воведат стимулации за другите, тоа секако ќе важи и за наставниците.
„Задоволни сме од процентот на вакцинација, но значајно е тој и натаму да продолжи и затоа во континуитет се повикуваат и информираат. Мислам дека процентот и натаму ќе се зголемува“,
додаде министерката на прес-конференција на која информираше за одлука на Владата за зголемување на стипендиите.
Таа вели дека сценаријата за почетокот на учебната 2021/2022 година ќе се менуваат согласно епидемиолошката состојба во земјава. Првото е сите ученици од 1 септември да се вратат во училиштата на настава со физичко присуство.
„Но, не може да се потпрете само на едно, затоа што не се извесни бројките кои може да се менуваат. Најпосакувано сценарио е на 1 септември сите да бидат во училиштата, но треба да сме одговорни и посветени и да ги почитуваме препораките и мерките. Да се зголемува процентот на вакцинирани, за да можеме да одржиме поголем број денови поминати во училиште. Да не ни се случи менување на сценариото. МОН на 1 септември ќе биде подготвено за сите три сценарија“,
рече Царовска.
Министерот Филипче вчера изјави дека вакцинацијата не е задолжителна, но дека се размислува за воведување ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран на заразата.
„Не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала“,
кажа Филипче вчера.