Соединетите Американски Државни и повеќе нивни сојузници денеска ја обвинија Кина за широкораспространетите кибер-напади, вклучувајќи го и масовното хакирање на системот за електронска пошта на компанијата Микрософт во првата половина на годинава. Западните медиуми го коментираат чекорот како „драматична ескалација“, во обидот на администрацијата на американскиот претседател, Џо Бајден, да ги спречи потенцијалните идни напади.

Во координираните изјави, владата на САД и владите на повеќе држави од Европа и Азија, го посочија кинеското Министерство за државна безбедност за „ангажирање на криминалци хакери“, кои извеле широка лепеза на дестабилизирачки активности низ светот. Според висок извор во американската администрација, САД ја сметаат Кина за одговорна и за неодамнешните напади во кои хакерите бараа огромни суми на пари за да ги „ослободат“ компјутерските системи и сервери кои ги презеле.
Меѓу владите кои се приклучија на Вашингтон е и Велика Британија. Би Би Си јавува дека британскиот министер за надворешни работи, Доменик Рааб, ја повикал Кина „да ја прекине систематската сајбер-саботажа“ и дека „може да се очекува дека ќе ја сметаат (Кина н.з.) за одговорна ако тоа не се случи“.
Европската унија, во меѓувреме, соопшти дека хакирањата „предизвикаа безбедносни ризици и значителна економска штета за нашите владини институции и приватни компании“.
Кина, досега, ги отфрлаше ваквите обвинувања кои доаѓаа од пониски инстанци. Но, обединувањето на повеќе држави и јасната порака говорат дека ситуацијата сега е многу посериозна. Засега, сепак, нема најави санкции против Кина. За споредба, санкции веќе беа воведни против Русија и тоа за кибер-напади кои се од далеку помал степен отколку оние за кои сега се обвинува Кина, пишува Би Би Си.