Епидемиологот од Хрватскиот завод за јавно здравје, Бернард Каиќ во интервју за вестите на ТВ Нова ги демантира сите митови и лажните вести кои се појавуваат на социјалните мрежи во врска со вакцината против коронавирусот.
Поради вакцината не може да се затрудни? Неточно!
За теоријата дека таа предизвикува неплодност, која почнала да се шири на почетокот на годината, тој тврди дека е лаичка.
„За тоа нема апсолутно никакви докази. Напротив! Има навистина многу докази дека вакцинирани жени затруднеле и имаат здрава бременост. Не знам зошто таа теорија повторно се активира, ама таа е научно потполно невтемелена“,
вели Каиќ.
Со вакцината се менува ДНК на луѓето? Тоа не е можно!
Доктор Каиќ потенцира дека не постои ниту една причина, ниту механизам со кој вакцината би можела да предизвика такво нешто. Дури ни природната инфекција со вирусот не влијае врз генетскиот код.
„Да е така, како што се тврди, тогаш и со разни други вакцини би можел да се менува нашиот генетски код бидејќи имаме и т.н. живи вакцини кои содржат РНК или ДНК, но нема никаков доказ дека тие може да влијаат на генетскиот код“,
нагласува тој.

(фото: Goran Mehkek/Cropix)
Вакцината е пребргу направена, рекоа ќе требаат години
Хрватскиот епидемиолог смета дека и овој мит треба да биде разбиен, бидејќи при создавањето на вакцината биле применети искуствата од лекувањето од САРС.
„Во овој случај е прилично јасно. Имајќи ги предвид искуствата од периодот кога се појави САРС-от и обидите за производство на вакцина против него се знаеше на кон што, односно кон кој молекул треба да се цели. Технологијата за производство беше веќе позната и испитана па затоа требаше толку малку време да се направи вакцината“,
вели Каиќ.
Вакцинираните може да се заразат, зошто тогаш да се вакцинирам?
Тој расчистува и една од дилемите на скептиците, според кои не постои причина да се вакцинираат, ако тоа не би спречило да се заразат.
„Се разбира дека е можно е да се инфицирате. Ниту една вакцина не пружа 100 % заштита, па ниту вакцината против ковид-19. Но, шансите да се заразите се помали а нивото на заштита е многу високо. Кај вакцинираните можноста вирусот да биде фатален е многу мала“.
појаснува докторот.
Вакцинираните може да заразат други луѓе
Епидемиологот од Хрватскиот завод за јавно здравје вели вакцинираните луѓе не може да инфицираат други лица, освен во исклучителни слуачи.
„Имунизираните не може да заразуваат, но постои мал број луѓе кои се нарекуваат нереактори и тие после вакцинацијата не создаваат заштита. Тие и покрај примената вакцина може да се заразат и потоа да заразат и други луѓе. Aма бројот на такви луѓе, кои не успеваат да го кренат системот на заштита по вакцината е навистина исклучително мал“,
вели Каиќ.
Од вакцината може и да се умре
Доктор Каиќ вели дека теоретски постои можност да се умре од вакцината, но постојат механизми со кои медицината може тоа да го спречи.
„Вакви инциденти се навистина ретки. Според проценките, тоа може да се случи кај еден од 500 000 или милион вакцинирани. Голем дел од нив може да се спречат со исправна примена на упатствата за вакцинација и со правовремена реакција и лекување. Во споредба со овој ризик кој е исклучително низок, луѓето решаваат да се вакцинираат ако се има предвид огромниот ризик по здравјето од вирусот, кој може да биде фатален“,
укажува епидемиологот.
Вакцината магнетизира – монетите се лепат на местото на убодот
За него се невкусни лажните вести дека вакцината магнетизира кои се шират на социјалните мрежи, со видео „докази“ кои се приложуваат како факти.
„Да, да. Така е. Кога одам во продавница, сите монети од касата почнуваат да летаат накај мене. А, што? Вам тоа не Ви се случува? Ве молам не влегувајте во продавница во која се продаваат ножеви, лажици, прибор за јадење. Ова е навистина грдо.
се подбива доктор Каиќ.
Во вакцините е вграден 5Г чип
Како врв на низата небулози кои се појавуваат во јавноста и влијаат демотивирачки, Каиќ ги споменува и невистинитите информации дека со вакцината се врши чипирање на населението со 5Г.
„Тоа значи бесплатен интернет за сите. Не знам што би рекол за тоа сите сега да си имаме бесплатен интернет. Јас сум видел дека по вакцинација некои луѓе стануваат ама привремено мобилни телефони. Тоа би било супер бидејќи не би требало да носиме ковид потврди за да преминеме граница, туку само би го отчитале вашиот телефонски број и би знаеле дека сте вакцинирани. Навистина не знам што да кажам. Посериозен одговор не ни можам да дадам“,
вели Каиќ во интервјуто за хрватската ТВ Нова.