Од почетокот на вакцинацијата досега речиси 12 000 македонски граѓани примиле една доза вакцина против ковид-19 во Врање, а околу 9 000 се ревакцинирани, јави дописникот на МИА од Белград.
Порталот „Врањењуз“, повикувајќи се на Здравствениот центар во овој град, објави дека до 18 јули годинава вкупниот број на дадени прва и втора доза од сите достапни вакцини кои се аплицирани во Спортската сала изнесува 75 860. Од нив бројот на вакцинирани македонски граѓани со првата доза е 11 743, додека бројот на оние што се ревакцинирале изнесува 9 012 лица.
Ако се земат предвид сите граѓани што се вакцинирале, најчесто е аплицирана кинеска вакцина „Синофарм“ – вкупно 48 586 пати (прва доза 24 771, а втора 23 815), потоа следува „Фајзер“, која е дадена во вкупно 20 995 случаи (првата доза 11 162, а втората 8 933), рускиот „Спутник В“ е аплициран во 6 255 дози (прва 3 149, а втора 3 106) и „Астра Зенека“ аплицирана во 932 случаи.
За време на викендот во Врање аплицирани се 581 доза од вакцините против ковид-19. Во саботата, бројот на вакцинирани изнесуваше 334 лица, а во неделата 247 граѓани.
Кога станува збор за вакцинирање на Македонците, во неделата 39 од нив ја примиле првата доза, а 189 втората доза на вакцина против ковид-19. Ако бројот на вакцинирани Македонци се одземе од вкупниот број на имунизирани лица во недела, може да се види дека бројот на вакцинирани граѓани во Врање е 19 (7,7 отсто) додека во саботата од вкупно 334 вакцинирани, 299 биле македонски државјани (89,5 отсто).