Христијан Мицкоски вели дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо законско решение што ќе произлезе од експертската јавност, која беше вклучена во јавната дебата
Ако до крајот на денешниот ден има навестувања дека е можно да се обезбедат 80 гласа за донесување на законот за јавно обвинителство, новото законско решение, кое го подготви Министерството за правда, би било ставено на дневен ред на утрешната седница на техничката влада, по што би било пуштено и во собраниска процедура.
Вакви навестувања доаѓаат од Министерството за правда, по најавите дека денеска ќе се одржат повеќе билатерални средби со претставници на пратеничките групи, на кои ќе се разгледуваат нивните амандмани за законот за ЈО. Целта, како што велат од Министерството, е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство за законот за ЈО. Доколку се обезбеди потребното мнозинство, законот ќе биде испратен во процедура на утрешната седница на владата.
Засега нема потврда дали денеска е можна и средба на работните групи на власта и опозицијата во поширок состав, во обид да се усогласи верзија на предлог-закон, која подоцна ќе се поднесе во Собранието.
По последната средба на работната група во петокот, некои пратенички групи викендов доставиле амандмани за законот за јавно обвинителство, а некои замолиле за дополнително време. Заради доверба на процесот, од Министерството за правда рекоа дека нема да откриваат кои пратенички групи доставиле амандмани.
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство, вели лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.
„Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство“,
наведува Мицкоски во пишана изјава.

Мицкоски повикува да не се креира законско решение за, како што наведува, заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вели дека законот за јавното обвинителство, како и протоколот за НАТО и законот за одбраната, се дел од агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на 12 февруари. Ако некој го прекрши тоа, тогаш, како што рече Заев, ќе се одложи распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите.
*Поврзана вест
Џафери: Ако треба, сам ќе предложам парламентот да се распушти на 12 февруари