Емисијата во која во детали и критички се анализира животот на српската турбо-фолк икона, Светлана Ражњатовиќ – Цеца, именувана како „Српска мајка“ е симната од Јутјуб
Цеца ги реализираше своите закани и успеа епизодата насловена како „Српска мајка“ која е дел од серијалот „Јунаци на лошото време“ кој се емитува на телевизијата Н1 да биде симната од Јутјуб.

„Досега оваа емисија ја гледаа речиси еден милион луѓе, на телевизијата Н1, на Јутјуб и на останатите социјални мрежи. Ќе ја гледаат уште милиони зашто никој и ништо не може да не запре на новинарски професионален начин на граѓаните на Србија да им ја презентираме биографијата на жената која сака од сеќавањата на народот да го избрише сопственото неестрадно минато“,
се вели во соопштението на Продукцијата „ЈСП“, која е автор на серијалот „Јунаци на лошото време“.
Епизодата „Српска мајка“ е симната на барање на Јутјуб каналот „Цеца мјузик“ откако имаше повеќе од половина милион прегледи за само два дена.
Според авторите на серијалот, целта е информирање на јавноста, критички приказ на личности кои имале влијание врз општеството во изминатите децении и конечниот производ воопшто не е во судир со законските одредби во земјата.
Досега во овој серијал беа анализирани животните стории на Ивица Дачиќ, Александар Вулин, Синиша Мали и други српски политичари и јавни личности.