Џејн Хартли, според пишувањата на американските медиуми, ќе биде новата амбасадорка на САД во Обединетото Кралство. Хартли, која е поранешна американска амбасадорка во Франција, е избор на претседателот Џо Бајден и наскоро се очекува тоа и официјално да биде соопштено.

Изборот на Хартли следува откако неколкумина потенцијални кандидати го одбиле амбасадорското место во Лондон кое се смета за исклучително важно поради историските и стратешки врски меѓу двете земји.
Хартли е позната во политичките кругови како личност инволвирана во кампањите на поранешниот претседател Барак Обама во чиј мандат беше именувана за амбасадорка во Франција.

Пред неколку дена беше соопштено дека в.д. помошник-државниот секретар, Филип Рикер, кој од 2008 до 2011 беше амбасадор на САД во земјава, е назначен за привремен амбасадор во Обединетото Кралство.