Новинарот на „Ројтерс“, Даниш Сидики е убиен денеска додека известувал за судирот меѓу авганистанските безбедносни сили и Талибанците во близина на граничниот премин на Авганистан со Пакистан.
Авгранистански командант за новинската агенција изјавил дека новинарот и висок офицер во авганистанската војска биле убиени додека специјалните единици на Авганистан се бореле да ја преземат контролата врз областа Спин Болдак. Според неговата изјава, новинарот и офицерот биле убиен од талибанските истрели.
Сидики, пишува „Ројтерс“, од почетокот на оваа недела беше заедно со авганистанските специјални единици кои се сместени во јужната провинција Кандахар, од каде известуваше за борбите со Талибанците.
„Даниш беше извонреден новинар, посветен сопруг и татко и сакан колега. Нашите мисли се со неговото семејство во ова страшно време“,
пишува во соопштението кое го објави менаџментот на „Ројтерс“.
Од новинската агенција наведуваат дека не биле во можност самостојно да ги потврдат деталите од изјавата на командантот од авганистанската армија за начинот како бил убиен нивниот новинар.
За убиството се огласија и Талибанците преку нивниот портпарол, Забихулах Муџахид, кој изјавил дека не биле свесни дека од другата страна имало и новинар кој известувал за интензивната битка, но и додава дека не е јасно како точно е убиен Сидики.
Сидики беше дел од тимот фотографи на „Ројтерс“, кои во 2018 година ја добија Пулицеровата награда за документирање на бегалската криза во Рохинџите. Тој е фотограф на „Ројтерс“ од 2010 година и ги следеше војните во Авганистан и Ирак, протестите во Хонгконг и земјотресите во Непал.