Заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, смета дека СДСМ е фаворит на локалните избори кои треба да се одржат во октомври, додека за ВМРО-ДПМНЕ вели дека е во бунило и оди во нов пораз, па затоа досега како партија излегле само со еден кандидат за градоначалник.
Сепак, за време на трибината „Најдоброто за нашата општина“ во Крушево, на членството и поддржувачите таа им порача дека не смеат да дозволат да се врати расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не смееме да заборавиме дека во 2017 година тие ни го оставија општините во големи долгови и затоа, овие свежи сеќавање, треба да бидат поттик дека на следните локални избори не смееме да дозволиме повторно да се вратиме во расипничкото владеење на некои од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа овде во Крушево работата е кристално јасна, го имаме најдоброто и уште еднаш да потсетам, аманетот на нашите предци да си го чуваме како светост“,
рече Лукаревска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека СДСМ е тој кој оди кон изборен дебакл и затоа освен истрошени и криминални кадри, друг не им се нафаќа да биде кандидат.
„Заев и Лукаревска знаат дека на изборите во октомври губат, но го храбрат членството да не падне во разочарување. СДСМ не понуди ништо ново. Само стари и истрошени кадри, кои се заштитници на криминалот. Со Заев на чело на СДСМ и не може да се очекува ништо друго освен криминални ликови, со Заев на чело на СДСМ никој изграден кадар нема да се нафати да биде кандидат на партијата позната по бизнисите со марихуана. Октомври доаѓа, реалноста допрва ќе ги удри во глава СДСМ“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.