Освен во Германија, според извештајот на „Ројтерс“, жртви има и во Белгија каде загинаа двајца мажи, а водата однесе и 15-годишно девојче кое се води за исчезнато
Најмалку 42 лица загинаа во Германија, а десетици се водат за исчезнати откако обилните рекордни врнежи предизвикаа излевање на реките, поплавување на домовите и на подрумите.
Новинската агенција „Ројтерс“ пишува дека во регионот Ахрвејлер во покраината Рајнска област-Пфалц каде реката Ахр, која се влева во Рајна, се изли и однесе шест домови, се регистрирани 18 жртви и десетици исчезнати.
Петнаесет лица, пак, загинале во регионот на Еускирхен, јужно од градот Бон.
Во покраината Северна Рајна-Вестфалија, пак, регистрирани се девет жртви, меѓу кои и двајца пожарникари.
„Мислев дека еден ден ќе влезе вода овде, но не како ова. Ова не е војна, едноставно природата ни возвраќа. Треба да почнеме да обраќаме внимание на тоа“,
изјавил Мајк Ахренд од локалното население.
Поплавени се и патиштата, има превртени автомобили, свлечишта и паднати дрвја. Стотици војници се вклучија во акциите за спасување и расчистување, а со хеликоптери се спасуваа и лицата кои беа заглавени на покривите. Во Леверкузен биле евакуирани околу 400 луѓе, а во регионот на Лимбург се организирала евакуација од неколку домови за згрижување на возрасни лица.
Ова се најкатастрофалните поплави што ја погодиле Германија. Во 2002 во источниот дел на земјата загинале 21 лице, а повеќе од 100 во поширокиот регион на централна Европа.
Освен во Германија, според извештајот на „Ројтерс“, жртви има и во Белгија каде загинаа двајца мажи, а водата однесе и 15-годишно девојче кое се води за исчезнато.