Српскиот претседател упати апел до сите лица кои не се вакцинирани тоа да го сторат бидејќи бројот на заразени е во пораст. Во однос на делта сојот, побара од стручните лица да решат дали е потребна трета доза и може ли да се мешаат вакцини од различни производители. Вучиќ најави дека мора да се најде некаква санкција за тие што одбиваат да се вакцинираат и упати жестока критика кон теоретичарите на завери, обвинувајќи ги дека со приказните за наводно чипирање, ги туркаат кон смртта луѓето кои ќе им поверуваат
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ упати апел до лекарите што поскоро да препорачаат дали и кога е потребно да се почне сополнителна имунизација со трета доза од вакцината против коронавирусот. Тој посочи дека Србија во моментот располага со 1,3 милиони вакцини, но остава експертите да решат каков би бил пристапот по појавата на делат сојот.
„Ве молам да решите, дали треба да одиме на трета доза и дали вакцините може да се мешаат. Тоа е одлука која мора да ја донесе струката. И уште еднаш би сакал да ги замолам тие што не се вакцинираа да го сторат тоа“,
нагласи Вучиќ.
Нешто ќе мора да се стори со оние што не сакаат да се вакцинираат
Укажувајќи дека хоспитализацијата е исклучително скапа а здравствениот фонд се потешко го издржува тој товар, тој подвлече дека се почесто се слушаат предлози со кои се сугерира болничкото лекување на невакцинираните да биде на нивен личен трошок.
„Јас не би можел тоа да го прифатам бидејќи е кршење на рамноправноста. Но, нешто ќе мора да сториме. Како и што, сега не сум подготвен да кажам“,
истакна Вучиќ.
Во однос на делумната задолжителна вакцинација, како што тоа го наложија Франција и Грција за медицинскиот кадар и за вработените во домовите за згрижување стари и изнемоштени лица, Вучиќ вели дека засега не може да поддржи такви дискриминаторски мерки, но тоа не значи дека на такво нешто би бил приморан во иднина.
„Будно ја следиме состојбата и мерките што ги преземаат Макрон, Курц и тоа што се случува во Германија. Ќе видиме што можеме да сториме а да не го повредиме Уставот, односно треба да оцениме што е тоа што ќе им обезбеди поголема сигурност на граѓаните а во исто време нема да ги наруши правата на луѓето кои се недисциплинирани и неодговорни“,
рече Вучиќ.

Нема чипови во вакцините, не ги туркајте луѓето во смрт
Претседателот на Србија на отварањето на новата здравствена станица во белградската населба Борча упати апел и до теротеричарите на завери, да престанат да шират неодговорни информации за наводно чипирање со вакцината против ковид.
„Досега никому ништо не му фалеше откако ја прими вакцината. А вие кога тоа го зборувате, треба да бидете свесни дека ако некој ви поверува, ќе го убиете. Нечие дете, поради вас ќе остане без мајка и татко и обратно. Бројот на заразени ни се покачува секојдневно. Вакцинацијата ни е единствениот лек. Затоа ве молам да го сториме тоа. Не треба пак да ја затвораме земјата. Ако тоа го направиме, ќе згасне економијата, ќе нема плати. Затоа, ве молам да бидете одговорни. Ако за себе сте одлучиле така како што сте одлучиле, барем молчите и не ги туркајте другите луѓе во смрт. Бидете макар толку одговорни“,
подвлече српскиот претседател.