Падот на цените на нафтата на светските пазари минатата недела, четврти ден по ред, и тоа за повеќе од четири отсто, е последица на стравувањата на вложувачите од економските последици поради ширењето на коронавирусот и надвор од Кина.
На Лондонската берза цената на нафтата минатата недела падна за 4,2 отсто, на 58,16 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 4,8 отсто, на 51,56 долари.
Иако Кина презеде серија мерки за спречување на ширењето на заразата, од карантини во неколку града до забрани за јавно собирање, не може да се спречи негативниот ефект врз економијата.

Воздухопловните компании ги откажуваат летовите за Кина и надвор од неа, а многу компании привремено го прекинаа работењето со Кина.
Аналитичарите сметаат дека ширењето на коронавирусот, како што своевремено беше случајот со САРС, најмногу ќе ги погоди туризмот и довербата на потрошувачите, па затоа се очекува и пад на потрошувачката и приходите во многу кинески компании.
Предвидувањата се дека ширењето на коронавирусот може да ја намали побарувачката за нафта во првото тримесечје од годината за 250.00 барели дневно и да ја закочи цената на нафтата, веќе притисната од сериозната понуда.

Кина се обиде да се врати во секојдневието по продолжените новогодишни празници, но стравот од неизвесноста од ширењето на новиот коронавирус тешко ги погоди берзите каде акциите загубија 420 милијарди долари од основниот индекс.
Инвеститорите распродаваа акции и јуани, а трговијата на берзите требаше да биде прекината поради уривање под прагот што се смета дека е причина за паника, јавија западни медиуми.
Масовното обезвреднување се случи и покрај тоа што Централната банка на Кина соопшти дека ќе „инјектира“ 174 милијарди долари за ликвидност во финансискиот сектор.
Покрај тоа, властите објавија дека сите основни производи ќе бидат загарантирани и дистрибуирани преку централна мрежа за контрола на тие производи. Со преземање активности надвор од производството на овие производи им беше дозволено на фирмите да ги продолжат слободните денови во име на здравствената сигурност.

Бројот на починати во Кина во епидемијата на новиот коронавирусот до вчера нарасна на 363, откако во провинцијата Хубеј беа пријавени нови 56 смртни случаи. Во Кина се регистрирани вкупно 17.205 заболени.