Бојко Борисов вели дека нема да го поддржат „Има таков народ“ и дека ГЕРБ ќе го врати мандатот за составување влада ако и биде доделен
Бојко Борисов и неговиот ГЕРБ се последни на листата партии кои решија да не дадат поддршка на победникот на изборите „Има таков народ“ за да формира влада.
„Не ве сакам на кој било начин, со целото малтретирање и рекет врз нас, уапсени, приведени, уништени, и денеска и вчера, тие продолжуваат да ги повикуваат луѓето и да ги прашуваат за кого гласале. Направете влада, преземете одговорност, водењето на земјата не е претстава. ГЕРБ е силна опозиција. Веднаш ќе го вратиме мандатот ако ни биде даден“,
изјави Борисов.

Лидерот на ГЕРБ ги обвини таканаречените протестни партии дека го промениле ставот кон Слави Трифонов зашто тој не им понудил министерски места. Според Борисов, првиот човек на „Има таков народ“ станал најомразената личност меѓу политичарите зашто не давал министерски позиции.
„Ако видите во мешаните региони како и од која партија се прелевани гласови за Трифонов, тогаш ќе се вратите на мојата изјава за тоа кој стои зад оваа партија. На трети избори повеќе ќе нема победници, тоа ќе биде пирова победа. Државата ќе оди надолу, ја туркаат земјата во тешка криза“,
рече Борисов.
На прашањето дали ќе се впушти во борба со Румен Радев на есенските избори за претседател на државата, Борисов одговори „не“. За кандидатот на ГЕРБ за шеф на државата, Борисов шеговито кажа дека тој ќе биде „паметен, висок, убав и со коса“.