Лекарите и медицинските сестри беа меѓу првите во Хрватска кои добија можност да се вакцинираат. Но, за разлика од кај докторите, одзивот кај медицинските сестри и техничарите за вакцинација е многу низок објави хрватскиот портал Индекс.
Дури 43% од медицинските сестри не се вакцинирани
Од вкупно 33 594 медицински сестри и техничари во Хрватска, речиси половина, односно 14 447, не се вакцинирани, дознава Индекс од извори од тамошниот Хрватскиот завод за јавно здравје. Една доза примиле 1 931 медицински сестри и техничари а целосно се вакцинирани 17 216.

Од друга страна, процентот на вакцинација меѓу докторите е 80%. Од вкупно 15 520 доктори, 11 625 се целосно вакцинирани, 828 примиле една доза а 3 067 или 19,7% воопшто не се вакцинирале.
Зошто страв од вакцинација?
Порталот побарал став за нискиот степен на вакцинација од претседателот на хрватската комора на медицински сестри и техничари, Марио Газиќ. На прашањето – како ги коментира бројките и каков впечаток тие оставаат во јавноста, Газиќ изјавил дека е потребна дополнителна едукација.
„Очигледна е потребата за дополнителна едукација на здравствените работници кои не се вакцинирале. Сигурно им требаат уште информации. Ја поддржувам идејата да бидат прашани зошто не се вакцинираат и да едуцираат. Тоа е единствениот начин да се вакцинираат. Мислам дека едукацијата ќе има влијание, тоа се луѓе кои се разбираат во медицина“,
изјавил Газиќ за Индекс.
На прашањето која група најмногу одбива да се вакцинира и со кое објаснување, шефот на комората на хрватските медицински сестри и техничари одговора:
„Најголем страв има кај младите колешки. Се плашат дека вакцинацијата во иднина ќе им влијае на бременоста, дали ќе можат да забременат. Постарите колеги, пак, велат дека ќе се вакцинираат но дека се уште имаат антитела па чекаат да поминат шест месеци откако прележале. Тоа го слушам од зборувањето на колешките и колегите кои не се вакцинирани. А повеќе од 8 000 сестри ја прележаа короната. Тоа е 25% од сестрите“,
вели Газиќ.