Измените на Законот за државјанство и официјално поминаа на владина седница, потврдија од Владата.
Овојпат, тие со европско знаменце ќе се достават до Собранието. Со тоа ќе се избегне можноста за негово блокирање со амандмани, како што беше случајот со претходната верзија што ја блокираше Левица. Официјалното објаснување од Владата е дека тој оди со европско знаменце затоа што во него се вградени одредбите од регулативата на ЕУ.
„Основна цел на овој Предлог-закон е дорегулација на одредени прашања кои во досегашната имплементација на Законот за државјанството се наметнаа како реални, за кои државата треба да изнајде законско решение со кое во претстојниот попис како најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција на официјалната статистика, според единиците кои се опфаќаат, реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата“,
велат од Владата.
Најавата дека ќе се испрати со европско знаменце денеска на прес-конференција ја даде и премиерот Зоран Заев кој посочи дека е истиот текст како и претходно, дека е поднесен по иницијатива на Алијанса за Албанците и Алтернатива, но договорено е Владата да го пушти во собраниска процедура.
„Законот е согласно декларациите за државјанство усвоени во ЕУ. Последните промени беа со кореспондентни табели – комплетно вградување на европските регулативи во нашето законодавство. Се прават пошироки критериумите за решавање на проблемот со државјанството. Генерално сме усогласени, власта и опозицијата. Законот е блокиран од мала политичка партија Левица која без разумно оправдување не дава одговор зошто тоа го прави, освен, според мене, да продуцира меѓуетнички проблеми и нетрпеливост што треба да го чуваме и негуваме, а не да го поттикнуваме и разгоруваме“,
рече Заев на денешната прес-конференција.