По повеќе од два месеци, во Грција повторно се регистрирани над 3 000 нови случаи со ковид-19. Попрецизно, има нови 3 109 заразени, а починаа четири лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Последен пат, над 3 000 новозаразени имаше на 11 мај годинава.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, од новите случаи 24 се увезени, од кои 11 откриени на граничните премини, а повторно најголемиот број од новозаразените (1 571) се во регионот Атика, поширокиот регион на Атина, додека 214 се во Солун.
Освен на новите случаи, зголемен е бројот и на хоспитализирани лица – за 31,76 отсто во споредба со вчера.
Од почетокот на пандемијата во Грција има потврдени 444 783 случаи на ковид-19, а починаа вкупно 12 806 лица.
Поради појавата на делта-сојот и зголемувањето на бројот на нови случаи, Грција вчера донесе одлуки со кои воведе задолжителна вакцинација на медицинскиот кадар и на вработените во домовите за стари и немоќни лица. Премиерот на Грција, Константин Мицотакис извести дека негувателите и останатите вработени во домовите за стари лица имаат обврска да се вакцинираат најдоцна до 16 август. Доколку тоа не го сторат, без оглед дали работат во јавниот или приватниот сектор, тие ќе бидат суспендирани од своите работни места. Од 1 септември, пак, оваа обврска ќе важи и за здравствените работници.
Исто така, во Грција, од петок заклучно со први септември сите локали од затворен тип, ноќни клубови, барови, кина и театри, ќе можат да ги посетуваат исклучиво вакцинирани граѓани.