Иако учествува со околу 10% во популацијата на земјата, Тетово во моментов е „дом“ на 33% на активните ковид-19 случаи. Од Министерството за здравство велат дека засега не е откриен „делта сој“ на коронавирусот, но и дека состојбата активно се следи
Во моментов, во земјава, има 197 активни случаи на ковид-19. Ваквата епидемиолошка слика може да се оцени како исклучително добра, ако се знае дека на крајот на март имаше повеќе од 20 000 активно болни.
Она што сепак е знак за загриженост е дека една третина од тие 197 активни случаи се од град кој не е Скопје. Тој град е Тетово каде има 65 болни од вирусот. И градот под Шара секако имаше далеку пострашни бројки при врвот на заразата, но проблемот е што бројот на случаи забрзано расте.
Болните ги кријат контактите
Растот на бројот на заболени во Тетово деновиве е од посебен интерес и на Комисијата за заразни болести. Причината за претпазливоста е повеќе од јасна. И држави со далеку повеќе целосно вакцинирани граѓани деновиве бележат остар раст на бројот на болни од ковид-19 пред се поради т.н. делта (индиска) варијанта на вирусот, која има особина побрзо и полесно да заразува луѓе од останатите варијанти.

Од Министерството за здравство велат дека досегашните информации говорат дека зголемениот број на случаи во Тетово е од два познати кластери. Но и додаваат дека дел од заразените не кажуваат со кого се биле во контакт.
„Првиот кластер е од свадба, а вториот е повеќечлено семејство кое исто така било на мала семејна прослава. Она што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, како би можело да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки. Министерството за здравство апелира, граѓаните да соработуваат со епидемиолозите. Одбивањето на соработка од страна на пациентите прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени“
соопштија од Министерството за здравство.
Засега нема „делта сој“ во Тетово
Тоа што „радува“, велат од Министерството за здравство, е што од 65 заболени во Тетово, само 12 пациенти се со симптоми. Во ковид центарот во тетовската болница нема хоспитализирани.
Еднакво важно е што не бил откриен т.н. „делта сој“ на вирусот. Има лица со т.н. „бразилски сој“, но тие биле позитивни од јуни.
„Министерството за здравство апелира до граѓаните и покрај мирната епидемилошка состојба во земјава, секој до нас да биде исклучително внимателен и да ги почитува протоколите и мерките за заштита на здравјето. Одржување лична хигиена на раце, држењето дистанца, носење маска е нешто што треба да биде лична одговорност на секого од нас. Апелираме дека мерките може да се променат и да се воведат рестрикиции ако епидемиолошката состојба го наложи тоа. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата, што поголем број вакцинирани, значи побрзо создавање колективен имунитет, а тоа е клучно да се победи ковид пандемијата“,
велат од Министерството за здравство.