Хрватскиот премиер вели дека задолжителна вакцинација за секого нема да има бидејќи ниту една земја не го прави тоа, но се размислува таа да се воведе како мерка во три сектори
Вакцинацијата во три ресори во Хрватска би можела да биде задолжителна, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ откако вчера тамошните медиуми пренесоа негова изјава дека вакцинирањето против ковид-19 нема да биде задолжително.
Според денешната изјава, секторите за кои се размислува вакцинацијата да стане задолжителна се за вработените во здравството, во системот за социјална помош и во образованието.
Дискусијата околу ова прашање, вели премиерот, е во тек.
Тој вели дека задолжителна вакцинација за секого нема да има бидејќи ниту една земја не го прави тоа, но се размислува таа да се воведе одделно за овие три сектори.
„Едниот е здравствениот сектор. Опфатот на вакцинација на лекарите досега е многу добар, мислам дека околу 80 проценти се вакцинирани, а кај медицинските сестри и другиот персонал процентот е малку понизок. Потоа ги имаме системот за социјална помош и третиот сектор кој е особено важен, е образованието“,
изјавил Пленковиќ.