Унгарскиот премиер Виктор Орбан му се заблагодарил на Красимир Каракачанов за поддршката што бугарското ВМРО-БНД ја дава за политиките и пропагандата против ЛГБТИ заедницата, објавија бугарските медиуми.
„Останавме малку, но важна е битката“, пишува во писмото од Орбан до Каракачанов, објавиле од прес-службата на ВМРО-БНД.
„Премиерот на Унгарија не е сам во борбата против нелибералните напади кон унгарското законодавство. Една од политичките партии која секогаш го поддржувала е ВМРО и тоа не остана незабележано од партијата ФИДЕС и од нејзиниот лидер Виктор Орган“,
соопштиле од партијата на Каракачанов.
Од партијата, која на изборите во неделата повторно не успеа да влезе во бугарскиот парламент, наведуваат и дека тие во Бугарија водат слична битка како и ФИДЕС во Унгарија и порачуваат дека нема да попуштат и покрај меѓународниот притисок.
„Сè уште сме суверени држави кои најдобро знаат што им треба на своите граѓани и што е најдобро за нацијата. Ние ќе продолжиме да се залагаме за семејствата, за правата на родителите, за заштитата на децата и нивната иднина“,
велат од партијата на Каракачанов.
Контроверзните политики на Унгарија во однос на ЛГБТИ заедницата изминатиот период наидоа на жестоки критики од западните европски земји. Имено, неодамна унгарскиот Парламент донесе законски измени и дополнувања со кои се забранува „прикажување и унапредување на родовиот идентитет, освен полот при раѓање, промена на полот и хомосексуалноста“ на лица под 18-годишна возраст.
Унгарскиот закон беше една од темите на разговор и на самит меѓу лидерите на ЕУ, од кои повеќето го опишаа како дискриминаторски за сексуалните малцинства. На пример, холандскиот премиер, Марк Руте, имаше изјава дека дебата во Унијата поттикната од овој закон била многу жестока и дека критиките и упатените пораки до унгарскиот премиер биле најжестоки што досега тој ги видел на самитите на ЕУ.
Емотивен говор имал и премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, кој зборувал за неговата борба да биде прифатен како хомосексуалец.
„Јас не станав геј, јас тоа сум. Не станува збор за избор. Мојата мајка мрази што јас сум геј и сега јас живеам со тоа. И сега тоа вие ставете го во закон. Ве почитувам, но ова е црвената линија. Овде станува збор за основните права, правото да се биде поинаков“,
се дел зборовите на Бетел во обраќањето кон Орбан, кои ги пренесоа европските медиуми.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, овој закон го нарече „срамен“ и се закани дека ќе поведе прекршочна постапка против Унгарија поради законот за ЛГБТ заедницата.