Речиси еден милион жители на Франција закажале термин за вакцинација откако синоќа претседателот Емануел Макрон предупреди дека ќе бидат воведени ограничувања за сите оние кои немаат здравствена дозвола со која се потврдува дека биле вакцинирани или имаат негативен тест за Ковид-19.
Обелоденувајќи сет од обемни мерки за борба против пандемијата, Макрон рече дека вакцинирањето засега нема да биде задолжително за пошироката јавност, но истакна дека ограничувањата ќе влијаат на оние кои не се вакцинирани.
Претседателот рече дека здравствените работници мора да бидат вакцинирани до 15 септември или ќе сносат последици.

Станислас Ниокс-Шато, кој раководи со Доктолиб (Doctolib), една од најголемите веб-страници во државата за резервации за термини за вакцинирање, за радиото РМЦ изјави дека рекорден број луѓе бараат вакцинирање по објавата на претседателот.
„За неколку минути имаше 7,5 милиони врски со страницата Доктолиб. Повеќе од 900.000 луѓе се пријавија на вакцинација вчера, двојно повеќе од последниот рекорден број на 11 мај“,
изјави Ниокс-Шато.
Макрон вчера рече дека здравствената пропусница е потребена за широк спектар на настани, и сега ќе биде потребна многу почесто, вклучително и за влез во ресторани, кина и театри.