Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа нагласи дека вакцинацијата во државата нема да биде задолжителна. Тој рече дека Хрватска е туристичка земја и дека гостите можат да бидат сигурни дека нема да се заразат таму, затоа вакцинацијата е важна, објави хрватскиот дневен весник „Јутарњи лист“.
„По објавувањето од Владата, се зголеми бројот на вакцинирани со првата доза и разговорите што ги водиме со нашите социјални партнери ќе продолжат оваа недела. Кога ќе има поголем степен на согласност, ќе ви кажам како напредуваме“,
изјави тој како коментар на условувањето на мерките за поддршка со ковид-потврди.
Новинарите го прашаа Пленковиќ дали тој сегмент го вклучува јавниот сектор и го спомнаа случајот со Министерството за здравство каде беа вакцинирани помалку од 35 проценти од вработените.
„Мислам дека тие собраа податоци од сите оддели. Постојат оддели каде ситуацијата е подобра. Што се однесува до оваа тема, тука е прашањето за мерки за поддршка и динамизирање на процесот на вакцинација, ова се две различни работи“.
рече Пленковиќ.
Франција и Грција вчера донесоа одлуки со кои воведоа задолжителна вакцинација на медицинскиот кадар и на вработените во домовите за стари и немоќни лица. Премиерот на Грција, Константин Мицотакис извести дека негователите и останатите вработени во домовите за стари лица имаат обврска да се вакцинираат најдоцна до 16 август. Доколку тоа не го сторат, без оглед дали работат во јавниот или приватниот сектор, тие ќе бидат суспендирани од своите работни места.