Северна Македонија и Албанија се повеќе од подготвени за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, порачува министерот за правда, Бојан Маричиќ во интервју за „Еуроњус“ од Албанија.
Двете земји, посочува тој, работат заедно за да ја зајакнат соработката во подготовките на администрациите со цел кога ќе почнат, преговорите со ЕУ да течат побрзо.
„Се согласивме да ги ажурираме нашите билатерални договори, особено за екстрадицијата, и ги споделивме нашите искуства во врска со реформите во судството. Размислуваме како да се зајакне соработката помеѓу нашите Академии за судии и јавни обвинители и како да се зајакне регионалната соработка помеѓу земјите на Западен Балкан“, вели Маричиќ.
Во интервјуто тој зборува за состојбата во судството и прави паралелна со Албанија каде беше спроведен ветинг во судството. За разлика од таму, вели Маричиќ, кај нас според утврдена методологија Судскиот совет прави проверка на работата на судиите и досега 13 се разрешени, бидејќи самото судско тело донесе одлука дека тие постапувале нестручно или пак несовесно.
Исто така, во интервјуто дадено во Тирана, тој истакнува дека албанската заедница во правосудството ја има на многу клучни позиции, како што се претседателот на Здружението на судии, претседателката на Врховниот суд, повеќе членови на советите на судии и на обвинители.