Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара спикерот на Собранието, Талат Џафери, да понесе политичка одговорност, а не да објаснува зошто зборувал на албански јазик на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент. Претходно, премиерот Зоран Заев рече дека Џафери, иако делувал спротивно на Уставот ќе објаснел зошто го сторил тоа.
„СДСМ и ДУИ да не наоѓаат изговори и да ја поддржат Резолуцијата, а Џафери наместо да се објаснува да си замине од позицијата претседател на Собранието. Без донесена Резолуција Заев не смее да преговара со Бугарија. А тој веќе наговестува дека низ собраниска процедура ќе ја кочи Резолуцијата, а со тоа работи единствено на штета на Македонија. Оваа влада не знае за ништо друго освен за работење спротивно на Уставот и законите. Одговорот дека Талат Џафери го прекршил Уставот, но дека ќе го објасни тоа не е одговор, и треба да има одговорност, тој треба да понесе политичка одговорност“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев: Џафери се обрати спротивно на Уставот, но очекувам да појасни што точно се случи во ЕП
Претходно денеска, премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање рече дека Талат Џафери спротивно на Уставот се обратил во парламентот на ЕУ, но имало три сесии, и на две од нив тој зборувал на македонски јазик, а на третата се обратил на албански јазик.
„Талат Џафери спротивно на Уставот се обрати во парламентот на ЕУ и точно е да се каже дека имаше три сесии, на двете сесии зборуваше на македонски јазик, на третата зборуваше на албански јазик, испровоциран точно од некои поединци од соседна Бугарија коишто секако укажале дека ќе направат воедначување на нашите јазици кое што секако никако не е точно. Ние имаме слични, но различни и меѓународно признаени јазици. Не барам одговорност затоа што очекувам токму од претседателот на Собранието да го објасни тоа што таму се случило“,
рече Заев.
