Ако остане вака состојбата, без да има затворања, очекувам 20 до 30 отсто повеќе странски туристи од лани, да го намалиме минусот, повторно да имаме солидно ниво на домашни туристи особено во јули и август, како и значително да ја подобриме состојбата во делот дека сме сигурна, безбедна дестинација, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски.
„Сметам дека капацитетите повторно, и оваа година, ќе бидат полни со домашни туристи, но и со гости од регионот: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово. Ќе има мал дел и од Полска и Холандија. Очекуваме по 5 000 – 6 000 туристи од Холандија и од Полска што е јасен сигнал дека земјава повторно, и во турбулентната 2021 година, се наоѓа на светската туристичка мапа. Еве, веќе на 19 јули пристигнуваат првите гости од Холандија. Ќе слетаат со чартер во Охрид. Во првиот авион ќе има околу 150 гости или капацитетот на првиот лет ќе биде исполнет 70 проценти“,
вели Јаневски во интервју за МИА.
Тој напоменува дека сепак е неизвесно како ќе се одвива туризмот ова лето, бидејќи делта сојот на коронавирусот е непредвидлив и може да донесе нови рестриктивни мерки.
„Дополнително, треба да се земе предвид и дека секоја држава си одлучува за своите туристи. И покрај новата линија Варшава – Охрид или рестартираната Варшава – Скопје, полската Влада донесе индивидуална одлука, незвисно од ЕУ, за сите нејзини граѓани кои ќе патуваат надвор, при враќањето во земјата да одат во 10-дневен карантин. Тоа е всушност причината за помалиот број гости кај нас од очекуваниот. Ако треба да резимираме, тогаш би кажал дека годинава ја дочекавме неподготвени. И овојпат туризмот ќе го спасуваат домашните гости“,
вели Јаневски.