Ситуацијата поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот е стабилна и нема потреба од дополнителни рестриктивни и мерки за заштита, смета министерот за здравство Венко Филипче. Според него, вакцинацијата треба да биде фокусот, а не да живееме во рестрикции.
„Сега нема потреба од нови мерки, затоа што ситуацијата е прилично мирна. Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога не беа достапни вакцините. Сега кога ги има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме дека и Англија, иако има нови случаи, се попуштаат мерките. Да не живееме затворени, туку да се вакцинираме масовно“,
рече вчера Филипче.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496 228 граѓани.
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 408 953 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8 355 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11 393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се 243 727 граѓани.
Со последните бројки, 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со една доза вакцина и 39 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со една доза вакцина.