Амбасадорот на Словенија во Северна Македонија, Милан Предан, чија земја го презема претседавањето со Советот на ЕУ, во гостувањето на ТВ Сител порача дека прашањето Скопје-Софија, треба да се реши со трпелива и тивка дипломатија, во отворен дијалог на сите фактори: Скопје, Софија, Брисел и Љубљана. Важна, според него, е и улогата на Берлин, Париз и Вашингтон.
Тој наведува дека има неколку предлози и сценарија, вклучително и португалскиот на кој ќе работи Словенија бидејќи тоа е заедничка оценка на сите членки на ЕУ и порачува дека не може да вети чудо, но дека ќе се работи мотивирано.
„Не сакам да ширам лажен оптимизам, не можеме да ветиме политичко чудо, но можам да кажам дека сме исклучително мотивирани да го решиме прашањето Скопје – Софија и ја имаме поддршката од сите 26-членки на ЕУ и сите имаат интерес да се реши ова прашање. Ние веќе работиме на неколку можни сценарија за тоа како можеме да им пристапиме на некои работи“,
вели Предан.
Тој е дециден и дека во португалскиот предлог позициите на македонскиот идентитет и јазик се загарантирани и порачува дека тој документ ги има предвид позициите на двете страни.
Амбасадорот во гостувањето посочува и дека словенечкиот претседател Борут Пахор е во Софија и таму има средба со бугарскиот колега Румен Радев со кого, како што рече, веројатно ова прашање ќе биде единствена тема во нивните разговори. Наведе дека веќе има комуникација меѓу Љубљана и Софија, како и со Брисел.
„Решение мора да се бара, но најмалку тука во Скопје, вие вашите позиции ги дефиниравте, тие се јасни и мислам дека вие со вашите предлози отидовте доволно далеку за да истовремено ги зачувате своите црвени линии и сепак да покажете флексибилност и политичка волја за договор“,
истакна Предан.
Целиот разговор со амбасадорот на Словенија можете да го прочитате ТУКА.