Според студија на француски лекари, ковид-мерките на долг рок може да создаде проблеми – ако бактериските и вирусните инфекции не циркулираат меѓу децата, тогаш тие не развиваат имунитет
Болниците во Нов Зеланд се соочуваат со наплив на бебиња и деца со респираторни проблеми затоа што тие не развиле имунитет поради карантините и рестрикциите кои ги донесе пандемијата со ковид-19.
Во Велингтон моментално се хоспитализирани 46 деца кои имаат респираторни заболувања, вклучувајќи го тука и респираторниот синцицијален вирус (РСВ). Голем број од нив се доенчиња, а многу се и на кислородна поддршка. И другите болници се соочуваат со зголемен број на вакви случаи поради што се одложуваат операции и игротеки се претвораат во болници. РСВ заболувањето кај возрасните вообичаено предизвикува лесни симптоми, но кај децата може да предизвика сериозни клинички слики, дури и фатални.
Како што пренесува „Гардијан“, педијатрите ова го нарекуваат „недостаток на имунитетот“ – децата не развиле имунитет на други вируси поради затворањата за заштита од ковид-19.
Овој феномен се јавува затоа што мерките како што се карантините, миењето на раце, држењето дистанца и маските имаат ефекти и во заштитата од друг болести, не само од коронавирусот, односно го потиснале ширењето на останатите болести, како што се грип, настинка и други респираторни заболувања. Во Нов Зеланд, на пример, минатата зима поради карантините бројот на случаи со грип се намалил за 99,9 проценти, додека за 98 отсто се намалиле случаите на РСВ.
Во студија од мај годинава, потсетува „Гардијан“, француски лекари нотираат дека рестрикциите на краток рок имаат позитивен ефект со тоа што ги намалуваат другите заболувања и на таков начин не доаѓа до оптеретување на здравствените системи. Меѓутоа, на долг рок тоа, според француските лекари, може да создаде проблеми – ако бактериските и вирусните инфекции не циркулираат меѓу децата, тогаш тие не развиваат имунитет. Затоа, експертите од Франција, предупредуваат дека ова може да има негативен ефект кога пандемијата ќе биде под контрола и ќе бидат укинати мерките, како и на тоа дека колку подолго трае неизложувањето на вируси и бактерии толку е поголема опасноста од епидемии во иднина.
Негативен тренд на случаи со дечиња кои имаат респираторни инфекции се бележи и кај нас. Педесетина случаи има во Гевгелија каде тим од Универзитетската детска клиника денеска беше за да се направат испитувања за што станува збор.