Албанија, која досега е една од ретките земји во регионот што не регистрираше присуство на делта-сојот на коронавирусот, објави дека има сигнали оти оваа варијанта пристигнала и таму.
Министерката за здравство, Огерта Манастирлиу, изјави дека сомнителни примероци се испратени на испитување во лабораторија во Германија. Според нејзината изјава, станува збор за примероци кај кои се идентификувани необични сигнали, а сега германската лабораторија ќе треба да направи геномско секвенционирање за официјално да потврди дали станува збор за делта-сојот.
Манастирлиу апелираше и до граѓаните масовно да се вакцинираат бидејќи тоа е најдобрата заштита од која било варијанта на ковид-19. Албанија досега вакцинираше нешто повеќе од еден милион граѓани, додека планот на властите со националната стратегија опфаќа имунизација на 2,2 милиони граѓани.
Минатата недела првиот случај со делта-сојот го регистрираше и Босна и Херцеговина. Прва земја од Западен Балкан каде беше детектирана оваа мутација, беше Хрватска на 28 јуни каде здравствените власти предупредуваат за нов бран на есен или можеби порано, а најавуваат и можни нови рестрикции. Еден ден подоцна, делта-сојот беше регистриран и во Косово, а пред околу една недела медиумите информираа дека тој пристигнал и во Србија. Во Грција оваа варијанта е потврдена кај повеќе од 120 заразени.