Државниот обвинител и шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска учествуваат на меѓународна конференција „Улогата на обвинителствата во заштитата на индивидуалните права и јавниот интерес“ во Санкт Петербург
Јавниот обвинител на Северна Македонија, Љубомир Јовески, оствари средба со Генералниот обвинител на Руската Федерација, Игор Краснов, соопштија од Обвинителството.
„Во рамки на досегашната успешна соработка помеѓу двете обвинителства, на средбата беше потенцирана заедничката заложба за размена на искуства во борбата против организираниот, транснационалниот и компјутерскиот криминал, како и заштитата на човековите права“,
се наведува во соопштението.
Како што се наведува, Јовески и Краснов се согласија дека меѓународната соработка е основа за поуспешна борба со криминалот, како задача на обвинителската професија.



Јовески, заедно со јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство – Скопје, Елвин Вели и шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, учествува на Меѓународната конференција „Улогата на обвинителствата во заштитата на индивидуалните права и јавниот интерес во светло на препораките од Европската конвенција за човековите права“, која се одржува во Санкт Петербург, Русија, од 6 до 9 јули 2021 година.
Јовески вчера, преку СМС-порака, одговори на новинарски прашања дека би прифатил да биде номиниран за уставен судија, поточно да премине на друга функција, иако има мандат како државен обвинител до крајот на 2023 година.