Српскиот епидемиолог Предраг Кон вели дека големите фестивали како „Егзит“ носат ризик од ширењето на коронавирусот, но вели дека и непочитувањето на мерките придонесува за влошувањето на состојбата.
„Притисокот да се отвори фестивалот беше голем, но постои ризик. Невозможно е да не бидете заразени кога се одржуваат големи фестивали“,
рече Кон одговарајќи на новинарско прашање дали одржувањето на музичкиот фестивал „Егзит“ ќе влијае врз зголемувањето на бројот на заразени лица.
Фестивалот „Егзит“ почнува од денеска, 8 јули и ќе трае до 11 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.
Според најавите на организаторите, влез на фестивалот ќе имаат само оние кои се вакцинирани и кои го прележале коронавирусот. За сите останати посетители од земјата и од странство ќе бидат овозможени брзи антигенски тестови, во посебно организирана зона во непосредна близина на фестивалот.
„Добивме писмена согласност од Кризниот штаб на Република Србија за одржување на фестивалот врз основа на безбедносен протокол заснован на низа научни истражувања низ Европа, кои детално ги презентираме овде, така што нашиот фестивал ќе биде едно од најбезбедните места во Србија. Како прво, би сакале да потенцираме дека ни е потребна вашата помош и соработка со цел да избегнеме гужви и сите да влезат на фестивалот на време. Имаме огромна привилегија што меѓу ретките во светот ќе имаме можност повторно да се собереме на фестивалот кој најмногу го сакаме и затоа секој од нас треба да стори се што е можно за оваа комплексна ситуација да ја направиме што е можно поедноставна“,
велат организаторите на фестивалот.
Кон, кој е член на владиниот Кризен штаб во Србија вели дека влошувањето на епидемиолошката состојба е евидентна, затоа што граѓаните се сериозно непослушни.
„Опуштањето зема замав. Некои мерки се доживуваат како непријатност и постојано треба да се потсетува дека маски треба да се носат“,
вели тој
Според него, мерките што важат во Србија се добри, но, како што нагласи, проблемот е што тие не се почитуваат.
Во моментов во Србија има 1 686 активни случаи на ковид-19.