Изјавата на државниот јавен обвинител дека би се „преселил“ во Уставниот суд од старт предизвика негативна реакција од опозицијата
ВМРО-ДПМНЕ реагираше денеска по изјавата на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески дека би го прифатил предизвикот да биде уставен судија, оценувајќи дека оваа најава е уште еден показател за „трас-трас судството на Заев“.
„Јовески беше и е главен политички егзекутор кој работи по диктат на Заев и, како и во испробаниот метод со Добрила Кацарска, Заев го токми за уставен судија. Тоа е наградата за овие четири години селективно обвинителство кое го штитеше и заташкуваше криминалот на власта, а по нарачка на Заев отвораше политички процеси против неистомислениците на аболираниот криминалец. Впрочем, токму Јовевски беше шеф на обвинителството кога Заев беше ослободуван од очигледни криминали, кога не се отвораа предмети како снопчињата пари во чантата на Ден Дончев, случајот ‘Леонардо’, насилството на градоначалникот на Шуто Оризари и десетици други големи криминали“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, доколку Јовески стане уставен судија, тоа нема да биде поради неговата компетентност и авторитетот, туку поради желбата на Заев од Уставниот суд да направи, како што се оценува, партиско дувло, кое ќе му го штити криминалот и корупцијата кои владеат во секоја пора од неговото владеење.