За евентуално воведување нови мерки ќе се разговара до крајот на неделава, а Филипче најави дека се можни рестрикции на границите, како задолжителен ПЦР-тест или потврда за вакцинација при влез во земјава
Поради ризик од ширење на делта-сојот на ковид-19, министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека е можно воведување мерки на границите при влез во земјава.
„Евентуално барање на ПЦР-тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени“,
изјави Филипче.
До крајот на неделава, информира Филипче, со членовите на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки.
На прашањето дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемиолошка вредност, тоа ќе важи за сите.
Министерот Филипче потенцира дека генерално состојбата во земјава и понатаму е мирна и апелираше граѓаните да се вакцинираат на пунктовите, кои од понеделник ќе бидат отворени и нема да има потреба од закажување. Дозволено ќе биде и вакцинација на деца од 12 до 16 години со „Фајзер“.