Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски поднел кандидатура до СДСМ со која бара матичната партија уште еднаш да го номинира како кандидат за градоначалник на Куманово на претстојните локални избори кои ќе се одржат наесен.
„Во изминатите неполни четири години реализиравме многу заеднички проекти за наше Куманово, финансиски си ја стабилизиравме општината и ја направивме перспективна. Поддршката од граѓаните на сите релевантни анкети и непосредни средби беше мотив повеќе во предвиден рок да поднесам кандидатура и програма со континуитет во мојата партија за нов градоначалнички мандат. Верувам дека ќе продолжиме и во иднина заедно со граѓаните да имплементираме нови проекти за едно модерно и европско Куманово“,
напиша Димитриевски на својот фејсбук профил.
Димитриевски е на крајот на првиот мандат како градоначалник на Куманово – општината во која локалната власт во континуитет е во рацете на СДСМ во изминатите повеќе од две децении.
Кога беше избран за градоначалник, на 15 октомври 2017 година, Димитриевски ја напушти пратеничката функција. Но, во екот на пандемијата, минатата година, кога Куманово беше најголемо жариште на ковид-19, дојде до несогласувања на Димитриевски со раководството на СДСМ, како и со тогашната техничка влада, на чело со Оливер Спасовски.
За недоразборања со Димитриевски се зборуваше и по неодамнешниот конгрес на СДСМ, кога кумановскиот градоначалник не влезе во листата на кандидати што ја подготви Заев за членови на новиот Централен одбор на партијата.