Комисијата за заштита од заразни болести денеска се очекува да одлучи за воведување нови можни рестрикции во однос на заштита на границите против ширењето на делта сојот на коронавирусот. Според најавите, се размислува во насока на тоа да се процени дали тестовите се вистинската мерка со која ќе може да се заштити населението. Дел од епидемиолозите препорачуваат воведување ригорозни рестрикции на границите кон крајот на летото како задолжителен ПЦР-тест при влез во земјава.
„Добро би било да се воведат бариери на границите, да речеме ПЦР-тестови за сите што влегуваат преку граница во земјава особено кон крајот на летото, кога ќе почнат да се враќаат од одмори. Втора линија на одбрана би требало да биде ригорозна епидемиолошка обработка за секој нов случај“
изјави вчера за „Канал 5“ епидемиологот Драган Даниловски.
Според најавите од здравствените власти оваа недела ќе се интензивира масовната имунизација и се очекува до петок да се вакцинираат околу 500 илјади граѓани. Како ризична категорија, од денеска почнува вакциницијата на вработените во основните и средните училишта во државата.
„Овој процес на имунизација на наставниот и ненаставен кадар вработен во образованието, како дел од критичната инфраструктура го спроведуваме за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година,“
соопшти министерството за здравство.
Од ресорното министерство уверуваат дека сите граѓани кои изразиле желба за вакцинација ќе се вакцинираат и додаваат дека процесот оди многу брзо и оти располагаат и со голем број вакцини. Најавуваат дека периодов ќе пристигнуваат дополнителнтелни пратки вакцини кои ги купивме во директни преговори со „Фајзер“, „Спутник В“, како и вакцини преку Ковакс механизмот.