Стотици граѓани се приклучија на денешниот протест организиран од граѓанското движење – АВАЈА поради убиството на младиот Ром, Станислав Томаш од чешкиот град Теплице.
„Чешките власти предводени од Премиерот, Андреј Бабиш, Претседателот, Милош Земан и Министерот за внатрешни работи, Јан Хамашек не ја осудија полициската бруталност од полициските припадници туку напротив се заблагодарија за нивната реакција и дадоа поддршка на полицијата од Теплице. Ова е последен случај на полициската бруталност со кој Ромите низ Европа се соочуваат. Во полициска бруталност во септември 2020 во Битола беа претепани тројца Роми за кои се уште нема судска разрешница“,
велат организаторите на протестот.
Од граѓанското движење побараа од чешките власти независна истрага за да се истражува случајот на полициска бруталност во кој беше убиен Станислав Томаш и креирање на независна комисија што ќе ги разоткрива прекршувањата на полициските правила и практика во ромските заедници.
Порачаа дека дискриминацијата врз Ромите од страна на поединци и институции е секојдневно присутна.
„Полициската бруталност кон Ромите е највидливиот начин на функционирање на системскиот расизам во Европа. Таа се заснова на неограничената сила на полицајците кои гледаат и третираат секое ромско лице како криминалец. Сега е моментот сите да покажеме солидарност како што тоа го сторивме во случајот со Џорџ Флојд и движењето Black Lives Matter. Ги повикуваме сите активисти, граѓански организации и граѓани да дојдат на протестот на 3 Јули во сабота пред Чешката амбасада, да покажеме храброст и да кажеме НЕ на полициската бруталност. Слободното општество е општество без полициска бруталност. Не треба да се чувствуваме небезбедни во сопствените заедници или загрозени од органите на прогонот заради бојата на кожата, предрасудите, стереотипите и расизмот“,
порачаа од АВАЈА.
Протестот започна од пред основното училиште “Koчо Рацин“ на улица “Мајка Тереза” (Водњанска) и продолжи пред Чешката амбасада.